Top Sport

Аргентина не е мртва! Рохо за осминафинале!

Аргентина не е отпишана, туку ќе се бори за четврт-финале на Мундијалот во Русија во мега-пресметка со Франција!

Со супер-тешка 2:1 победа над Нигерија, комбинирана со победата на Хрватска од 2:1 против Исланд, Лео Меси и неговите соиграчи ќе имаат за што да се борат на Мундијалот во Русија по тензичната вечер на „Крестовски“ во Санкт Петербург.

На моменти изгледаше дека „албиселесте“ ќе се спакуваат и ќе си одат дома, посебно откако цврстите Нигеријци оддолеваа на нападите при 1:1, пред Маркос Рохо, неколку минути откако беше „ослободен“ од вината и не беше досуден пенал по играта со рака во својот шестнаесетник, да го постигне најзначајниот гол во неговата кариера.

Аргентина тргна опасно и во 15. минута, Лионел Меси имаше одлична контрола на топката, за да ги донесе во транс аргентинските фанови на „Крестовски“ со фантастичен гол. Капитенот конечно на висината на задачата.

Меси во 27. минута фантастично го проигрува Игуаин, но неговиот удар го фаќа младиот голман Узохо. Во 34. минута Меси ја погодува стативата и Нигеријците имаат среќа што не губат со поголема гол разлика.

На стартот на второто полувреме, шок на „гаучосите“. Маскерано го фаулираше Балогун во шестнаесетникот и Виктор Мозес со импресивно изведување на пенал израмнува на 1:1. Бидејќи ова беше резултат кој не одговараше на Аргентина, нормално тие тргнаа во напад со малку решенија пред голот.

Во 76. минута, можен пенал за Нигерија, а судијата Чакир по прегледувањето на ВАР снимката одредува дека Маркос Рохо играл ненамерно со рака. Во 81. минута, Игуаин имаше големо промашување, за во 86. минута, Рохо да добие совршена топка од Меркадо за да донесе водство за Аргентина и осминафинале.


Хрватска, со најголемите ѕвезди на клупата, имаше тешко прво полувреме против мотивираните Исланѓани, но голманот Ловре Калиниќ се покажа на ниво на задачата.

Гилфи Сигурдсон во 31. минута имаше одлична шанса од слободен удар, но Калиниќ ја фати топката, а во 34. минута, ударот на Арнасон завршува во дефанзивците на Хрватска, пред Сигурдсон повторно да се обиде. Исланѓаните далеку поконкретни пред голот на „коцкестите“ и Финбогасон во 41. минута од натпреварот проигрува одлично до Сигурдсон, но неговиот удар поминува покрај голот.

Хрватите се созедоа во второто полувреме, кога Бадељ прво во 52. минута со силен удар од речиси триесет метри ја погоди пречката, пред во следната минута по една мешаница во противничкиот шестнаесетник, Бадељ да донесе водство за Хрватска.

Исланѓаните не се предадоа и во 76. минута притисокот се исплатеше – Ловрен игра со рака во шестнаесетникот, а Сигурдсон е сигурен од белата точка. Хрватска, сепак, со совршени три победи во три меча ги завршува натпреварите по групи, откако Иван Перишиќ во 90. минута и дефинитивно ги „отпишува“ „рибарите“.

Scroll to Top