Top Sport

Арнаутовиќ и Австрија не вратија во реалноста, висок пораз за петто место (видео)

Австрија во Скопје со 4:1 ја победи Македонија во четвртото коло на квалификациите за Европското првенство во 2020 година, враќајќи ги „рисовите“ во реалноста и спуштајќи на петтото место на табелата.

По ремито со Словенија на гости и домашната победа над Летонија, за селекцијата на Игор Ангеловски ова е втор домашен пораз во низа, откако во петокот со 1:0 загубивме од Полска. Но, за жал, за разлика од тој меч против Полјаците, кога во поголемиот дел од мечот бевме еднакви противници, Австрија во арената „Тоше Проески“ сигурно заслужи и повисока победа, до која не стигна само поради одличниот на голот, Столе Димитриевски.

Мечот не започна најдобро со нас, со иницијатива на гостите и со две шанси на австрискиот капитен Марко Арнаутовиќ, но во 18-тата минута од мечот, дојдовме до неочекувано водство кога Мартин Хинтерегер од 18-тина метри го изненади сопствениот голман.

Македонија имаше неколку убави шанси, како таа на Пандев кога утна од добра позиција, но Австрија се покажа поопасна во нападот и во 39. минута израмни, откако Конрад Лајмер упати убаво нафрлање, а Валентино Лазаро го совлада Димитриевски.

Ако во првото полувреме бевме донекаде рамноправен противник, во второто полувреме се покажа моќта на тимот на селекторот Франко Фода. Марко Арнаутовиќ, прво во 62. минута од белата точка донесе водство за Австрија, за во 82. минута со својот втор гол да зголеми на 3:1. Фудбалерот на РБ Лајпциг, Конрад Лајнер само четири минути подоцна искористи уште една лоша интервенција на нашата одбран за превисоки 1:4.

Во исто време со нашиот тежок пораз, Полска потврди дека нема да го предаде првото место на табелата со убедлива 4:0 победа над Израел, а Словенија со 5:0 триумфираше на гости кај Летонија, што значи дека ние паѓаме на петтото место на табелата со 4 поени – една победа, едно реми и два порази.

Фото: Топспорт

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО 2020, КВАЛИФИКАЦИИ

ГРУПА Г

Летонија – Словенија 0:5

Полска – Израел 4:0

Македонија – Австрија 1:4

Табела: 1.Полска 12, 2.Израел 7, 3.Австрија 6, 4.Словенија 5, 5.Македонија 4, 6.Летонија 0





Scroll to Top