Јувентус по освојувањето на Суперкупот на Италија, сврза втора победа во низа, триумфирајќи со 2:0 над Болоња да се искачи на четвртото место на табелата.
Бразилецот Артур во 15-тата минута од мечот го постигна својот прв гол во дресот на „бјанконерите“ со малку помош од одбранбените играчи на Болоња, додека Вестон Меккени во 71. минута ја потврди победата.
Со ова се подобри скорот против Болоња, која нема славено над Јувентус од 2011 година, и „старата дама“ се искачи на четвртото место на табелата со 36 поени, седум зад лидерот Милан со натпревар помалку. Болоња е на 13. место со 20 поени.