Аталанта, тимот кој беше критикуван оваа сезона по падот на формата, стигна до неверојатна 8:2 победа над Салернитана во меч од 18. коло на италијанаската Серија А за израмнување со Лацио на шестото место на табелата. Во неверојатен меч, легендарниот мексикански голман, Гијермо Очоа, кој честопати не воодушевуваше на Светските првенства со своите одбрани беше немоќен и прими најмногу голови во еден меч во својата долга кариера.
Жереми Бога го почна гол-шоуто по само пет минути игра, но гостите најавија борба кога во 10. минута израмнија со голот на Булаје Диа. Но, тогаш почна лудилото – до 41. минута од мечот веќе беше 5:1, откако голови постигнаа Адемола Лукман (од пенал во 20.), Џорџо Скалвини (23.), Теун Копмајнерс (38.) и Расмус Хојлунд (41.).
Лукман во 54. минута зголеми на 6:1, Салернитана во 56. минута намали на 6:2 со голот на Ханс Николуси Кавиља, за до крајот на мечот Едерсон во 61. минута и Надир Зортеа во 82. минута да ги постават конечните 8:2.