Италијанскиот фудбалер Марио Балотели пред десетина години беше голема фудбалска ѕвезда, но поради „лудата глава“ падна на ниски гранки. Кариерата му тргна во симнувачка патека и моментно игра за турскиот клуб Адана.
Оваа сезона на 13 меча постигна 5 гола, запиша 2 асистенции и смета дека е на пат да се врати во националниот тим.
„Враќањето во репрезентацијата за мене би бил сон и кога би знаел дека селекторот ќе ме повика, веднаш би тргнал, пеш од Турција. Имам добар однос со Манчини, секогаш беше таков. Само мора да ми каже што сака од мене и можам да се вратам. Моите играчки карактеристики се такви што би можел да играм покрај било кого“ вели Балотели.
Потоа открива зошто Манчини не го повикал во репрезентацијата во минатите години.
„Затоа што го знае мојот потенцијал и знае дека се уште не сум на тоа ниво. Имам време до март да фатам добра форма, не сум далеку од тоа, но морам многу да работам“ рече популарниот „Супер-Марио“.
Тој последен пат во италијанскиот дрес настапуваше во 2018 година. За Италија има 36 настапи и 14 постигнати голови.