Top Sport

Барса и Реал израмнети во првото „Ел класико“ во 2019 (видео)

Барселона и Реал Мадрид одиграа 1:1 на „Ноу Камп“ во првиот полуфинален меч од Копа дел реј и нивната прва средба во 2019 година, оставајќи патникот во финалето да биде решен во март, кога двата тима ќе се сретнат двапати за една недела (на 27 февруари во купот и на 3 март во Ла лига, двапати во Мадрид).

Како што се очекуваше, Барселона стартуваше со повредениот Лионел Меси на клупата, а на „запалената“ публика им следуваше студен туш по само шест минути игра, кога Лукас Васкез по една убава акција со Карим Бензема ги донесе „кралевите“ во водство за молк во Каталонија.

По почетната иницијатива на Реал, Барселона полека се врати во игра, и беше блиску до израмнување кога Иван Ракитиќ со глава ја погоди пречката, додека Кејлор Навас имаше убава интервенција на обидот на Луис Суарез.

Барса тргна уште посилно во второто полувреме, за во 57. минута да израмнат преку Малком, кој налета на една отфлена топка пред да ги помине Варан, Рамос и да ја смести топката во голот. Лионел Меси, сепак, на радост на домашните фанови се појави на теренот во 63. минута на местото на Филипе Кутињо, а Сантијаго Солари одговори со внесување на Герет Бејл на теренот.

Со Меси и Суарез напред, Барселона направи две просечни шанси, но Реал одговори во 81. минута кога Касемиро за малку ќе ја изненадеше одбраната на Каталонците. Тер Штеген топката ја отфрли само до Бензема, кој го пронајде Бејл, но Семедо расчисти.

Фото: ЕПА

Scroll to Top