Жан-Мари Додекер, поранешниот белгиски министер, а сега градоначалник на градчето Миделкерке, влезе во остар напад на капитенот на репрезентацијата, Еден Азар во ново интервју нарекувајќи го „мал дебел човек“ потсмевајќи се со неговиот „инцидент“ со хамбургерот во 2011 година.
„Целиот печат се жали на него, а всушност тој е само мал дебел човек, кој стана дебел од системот и парите. Уште се сеќавам како бегаше кога Жорж Лекенс го замени и тој реши да јаде хамбургер во близината на стадионот ‘Крал Бадуин’“, вели Додекер во интервју за локалните белгиски медиуми.
Инцидентот за кој зборува Додекер се случи кога Азар беше фудбалер за Лил и доби место во репрезентацијата за квалификациите за ЕУРО 2012 против Турција. Но, кога селекторот Лекенс го замени по половина час игра, напаѓачот веднаш замина од стадионот и потоа беше фотографиран како јаде хамбургер во ресторан во Брисел со неговото семејство. Лекенс му одреди суспензија од два меча поради инцидентот.
Азар во 2019 се потсети на приказната.
„Се работеше за андалузиски сос, секогаш мојот омилен. Тогаш направив глупава работа, но приказната со хамбургерот ме направи легенда во белгиската репрезентација“, изјави Азар.