Top Sport

Бензема, Зидан и Блан ја одбиле поканата од францускиот претседател Макрон

Пред големото финале на Светското првенство во Катар помеѓу Франција и Аргентина, невообичаено во центарот на вниманието се најде францускиот фудбалер кој беше отсутен од тимот на „триколорите“, освојувачот на „Златната топка“, Карим Бензема.

Ѕвездата на Реал Мадрид го повреди бутниот мускул неколку дена пред првиот меч од СП, по што се врати во Мадрид, каде што од неодамна почна да тренира со својот тим. Шпекулациите дека може да биде вратен во тимот пред финалето се покажаа како невистинити, и тој се јави со мистериозна порака на социјалните мрежи во која едноставно кажа: „Не, благодарам“.

Сега, француските медиуми тврдат дека тој ја одбил шансата да лета со претседателскиот авион на Емануел Макрон, заедно со повредениот Лукас Ернандез, но и легендите на францускиот фудбал, Лорен Блан, Зинедин Зидан и Мишел Платини.

Пол Погба, Н’Голо Канте, Преснел Кимпембе и Кристофер Нкунку, четирите повредени фудбалери кои не беа дел од тимот на Дешам, ќе бидат покрај Макрон и неговата сопруга Брижит, како и олимпискиот џудо-шампион Теди Ринер и поранешниот француски репрезентативец, Алан Жирес.

Бензема не беше заменет од Дешам и покрај повредата, со што тој е официјално дел од тимот и ќе добие шампионски медал доколку Французите ја освојат титулата. Според „ЕСПН“, Бензема е „целосно зад тимот и сака да ја освојат титулата, која ќе биде делумно негова“.

Scroll to Top