Тренерот на фудбалскиот клуб Севилја, Едуардо Берисо, бил успешно опериран откако минатата недела му беше дијагностициран рак на простатата, објави клубот од Андалузија.
Берисо (48) веста за болеста на фудбалерите им ја соопшти на полувремето на дуелот со Ливерпул во Лигата на шампионите. Ливерпул на „Санчез Писхуан“ по првиот дел имаше предност 0:3, но во вториот дел Севилја успеа да стигне до бод. Голот за 3:3 го постигна Густаво Пизаро во последните секунди од натпреварот.
Клубот објави дека закрепнувањето на Берисо ќе зависи од неговиот „постоперативен напредок во наредните неколку дена“, пренесоа шпанските медиуми.
Берисо во јуни пристигна во Севилја и потпиша двегодишен договор, тој претходнo три години беше тренер на Селта.
Додека Берисо закрепнува од операцијата, Севилја ќе ја предводи неговиот прв помошник Ернесто Маркучи.