Top Sport

Бернардо Силва казнет за „расистичкиот“ твит за Менди!

Бернардо Силва ќе пропушти еден натпревар и ќе добие казна од 50.000 фунти за „расистичката“ објава на Твитер во која го спореди својот соиграч од Манчестер сити, Бенжамин Менди со лик од бренд на чоколади.

Силва објави фотографија на која Менди го спореди со лик на црн човек кој се користи за промоција на чоколади во Шпанија и Португалија, што според Фудбалската асоцијација (ФА) е расистички прекршок.

„Фудбалерот немал намера постот да биде навредувачки или расистички и јасно е дека се работи за шега меѓу двајца пријатели. Меѓутоа, не се работи за лична конверзација, туку за објава на социјалните мрежи со над 600.000 луѓе кои го следат професионалниот фудбалер“, се вели во објавата на ФА.

Силва постојано тврдеше дека немал расистички намери со пораката, која требало да биде шега кон колегата, а во негова одбрана застана и самиот Менди, како и уште еден црномурест соиграч, Рахим Стерлинг кој посочи дека „не постои расизам во тој потег“.

Силва покрај казната ќе мора да оди и на едукација за вакви теми во организација на фудбалската асоцијација. Суспензијата значи дека тој ќе го пропушти дуелот со Челси на 24 ноември.

Scroll to Top