Една ера во италијанскиот фудбал ќе заврши бидејќи легендарниот стопер на Јувентус, Леонардо Бонучи, го најави своето пензионирање на крајот од следната сезона. Тој со одличните игри во дресот на „старата дама“ се наметна како еден од најдобрите во светот на стоперската позиција, а беше истакнат член и на фудбалската репрезентација на Италија.
Во Јувентус пристигна од Бари во 2010 година и играше до 2017 година, кога имаше куса епизода во Милан. По една година се врати и кариерата ќе ја заврши во Торино.
Со „црно-белите“ освои девет шампионски титули на Италија и четири трофеи во Купот, а двапати играше и во финалето на Лигата на шампионите.
За репрезентацијата на Италија одигра 120 натпревари, постигна осум гола, а најзначаен е секако оној во финалето на Европското првенство, кога „аѕурите“ станаа европски прваци.