Црвена ѕвезда синоќа го доживеа најтешкиот пораз, на домашен терен, во историјата на европските купови. Во рамките на Б-групата, во Лигата на шампионите, Баерн победи во Белград со 6:0.
Како играше српскиот шампион покажува и статистиката. Најдобар играч им бил голманот Милан Борјан кој го спасил својот тим од уште поголема катастрофа. Покрај шесте гола што ги промил Борјан забележал и десет интервенции.
„Треба да се погледнеме в очи, ние не сме за ова натпреварување. Мораме да бидеме реални. Многу ми е тешко. На вакви натпревари не играш за пари, играш за грбот и играш за публиката. Треба да излезеш на теренот и да уживаш“, рекол Борјан.
„Црвена ѕвезда ова не го заслужува. Јас прв им се извинувам на навивачите за убедливите порази“, заклучил репрезентативецот на Канада.
Црвена ѕвезда иако на последните три натпревари не постигна гол, а прими 15, има шанси да го освои третото место во групата. Во последното коло ќе им биде доволен еден бод против Олимпијакос во Атина.