Бруно Фернандеш го постигна својот прв премиерлигашки гол за Манчестер јунајтед, и беше забележан како асистент на уште два гола при 3:0 победата над Вотфорд со која „ѓаволите“ се искачија на петтото место на табелата со 41 поен, само три зад Челси.
Фернандеш се запиша во листата на стрелците во 42. минута од мечот, кога прво беше соборен во шестнаесетникот и беше прецизен од белата точка со еден интересно изведен пенал. Во второто полувреме, на Вотфорд им беше поништен гол поради играње со рака, за во 58. минута, Фернандеш да го најде Антони Марсијал во шестнаесетникот, за овој со убав потег да го удвои водството на „ѓаволите“. Точка на натпреварот стави младиот Мејсон Гринвуд со гол по проигрувањето со Фернандеш.
Вулверхемптон исто така стигна до убедлива 3:0 победа над фенерџијата Норич, со двата гола на Диого Жота и осигурувањето на Раул Хименез.