Капитенот на Јувентус, Џиџи Буфон вели дека не жали за коментарите кои ги даде за англискиот судија Мајкл Оливер по контроверзниот финиш на мечот со Реал Мадрид на „Сантијаго Бернабеу“, бидејќи морал да го направи тоа дури и по цена на репутацијата.
Оливер покажа пенал во 93. минута од мечот додека Јуве водеше со 3:0 надополнувајќи ја предноста на Реал од првиот меч. Покрај пеналот, Буфон доби директен црвен картон за туркањето на Оливер. По мечот тој го нарече Англичанецот „убиец на соништа“ и посочи дека наместо срце има „канта за ѓубре“.
„Не морам да надополнувам нешто, бидејќи сум човек кој ја поставува страста, чувствата и лутината во мојата работа. Морате да зборувате исправно, дури иако тоа на моменти изгледа претерано. Тоа сум јас, Џиџи Буфон. По мечот чувствата се силни, на некој начин сурови, но јас нема да се кријам зад дволичност. Крај на приказната. Дури и да претерав, тоа беа логични мисли и повторно би ги изразил. Можеби со поинаков јазик, поцивилизирано, но содржината е иста“, изјави Буфон во гостувањето на ТВ-програмата „Ла јене“.
Тој додава дека веќе не е лут на Оливер.
„Судија со поголемо искуство ќе решеше да не биде главен актер на мечот и ќе продолжеше без да досуди пенал. Теренот да го кажеше своето. Сигурен сум дека Оливер ќе има голема кариера, но премлад е за вакви мечеви. На крајот, не му се лутам. Тоа заврши таму, во жештината на моментот. Тоа не беше ситуација во која со сигурност можевте да кажете дека е пенал. Во таков натпревар на 20 секунди пред крајот не создаваш конфликти. Морав да ги штитам моите клупски колеги и 5.000 навивачи кои дојдоа во Мадрид“, завршува Буфон.