Напаѓачот на шпански Леганес, Мартин Брејтвајт беше „џокерот“ на Данска откако го постигна водечкиот гол при 1:1 ремито на гости кај Ирска во Даблин, со кое Данците се пласираа на Европското првенство во 2020, покрај Швајцарија во групата Д.
Во директен дуел за пласман, на Ирците им требаше победа против Данска, откако беше јасно дека Швајцарија ќе го совлада аутсајдерот Гибралтар, но тие не успеаја да најдат пат до голот на Каспер Шмајхел, а Брејтвајт по нафрлањето на Хенрик Далсгард во 73. минута го реши мечот и ја однесе своајта репрезентација на собирот на европската елита.
На Ирците им беа потребни два гола за пласман и во драматична завршница успеаја да израмнат во 85. минута преку Мет Доерти, но немаа доволно сили и среќа за целосен пресврт.
Во другите две групи во кои вечерва се играше, претходно беа познати патниците на Евро 2020, но Италија на Роберто Манчини не пропушти совршените квалификации (10 победи во 10 меча) да ги комплетира со неверојатна 9:1 победа над Ерменија. Чиро Имобиле и повратникот во репрезентацијата, Николо Заниоло постигнаа по два гола, а во листата на стрелците се запишаа и Ромањоли, Барела, Киеза и Жоргињо.
Овој совршен квалификациски циклус доаѓа само една година откако Италија неславно не успеа да се квалификува за Светското првенство во Русија во 2018, предизвикувајќи вистинска „национална катастрофа“ на „Чизмата“.
Ова е само четврти пат во историјата на Италија тие да стигнат до победа со над 9 постигнати голови: (11:3 против Египет на ОИ во 1928, 9:0 против Франција во пријателска во 1920 и 9:0 против САД на ОИ во 1948 година).
ГРУПА Д
Гибралтар – Швајцарија 1:6
Ирска – Данска 1:1
Табела: 1.Швајцарија 17, 2.Данска 16, 3.Ирска 13, 4.Грузија 8, 5.Гибралтар 0
ГРУПА Ф
Малта – Норвешка 1:2
Шпанија – Романија 5:0
Шведска – Фарски Острови 3:0
Табела: 1.Шпанија 26, 2.Шведска 21, 3.Норвешка 17, 4.Романија 14, 5.Фарски О. 3, 6.Малта 3
ГРУПА Ј
Грција – Финска 2:1
Италија – Ерменија 9:1
Лихтенштајн – Босна и Херцеговина 0:3
Табела: 1.Италија 30, 2.Финска 18, 3.Грција 14, 3.БиХ 13, 5.Ерменија 10, 6.Лихтенштајн 2