Фудбалскиот клуб Шкендија преку соопштение ја извести јавноста за враќањето на напаѓачот Дашмир Елези во клубот. Младинскиот репрезентативец поради семејна трагедија одлучи да се врати од Грузија, и покрај потпишаниот договор со Торпедо Кутаиси, а Шкендија му излезе во пресрет и повторно ќе биде дел од тимот.
„По барање на самиот фудбалер и неговото семејство, Шкендија реши да не ја спречува желбата и претензиите на играчот за трансфер во странство. Па понудата на Торпедо Кутаиси беше прифатена и на Елези му беше одобрен трансфер во Грузија. За жал, по потпишувањето и преставувањето во новиот клуб, знаејќи ги трагичните настани во семејството на Елези (за еден месец ги загуби својот татко и својот дедо), 18-годишникот се најде во тешка емотивна ситуација, па во меѓувреме Торпедо Кутаиси му дал дозвола да се врати во Тетово за мирно да одлучува за иднината. Одлуката на фудбалерот и семејството беше, познавајќи ги семејните трагични случувања, дека трансферот во странство во овој момент би бил брз чекор и дека во овој период Дашмир треба да остане блиску до своите најблиски, до семејството. Шкендија повторно покажа разбирање и ја отвора вратата за Дашмир Елези, кој се приклучува на тимот и ќе биде дел од нас и во наредниот период“ , се вели во соопштението од ФК Шкендија.