Каи Хаверц има „иста елеганција“ на фудбалскиот терен како легендарниот Зинедин Зидан, вели помошникот-тренер на Баер Леверкузен, Марсел Даум.
20-годишниот Хаверц покажа фантастичен талент последните две сезони во Бундеслигата, и Баер го цени на 100 милиони евра пред летниот преоден рок, а за него се заинтересирани повеќе клубови, предводени од Манчестер јунајтед. Хаверц постигна 15 гола и 8 аситенции во 38 настапи оваа сезона.
Даум, кој го следеше развојот на германскиот репрезентативец на „Бајарената“ вели дека тој наликува на Зидан.
„Сите прашуваат за Каи Хаверц. Ако го гледате во еден меч, ќе ви стане јасно зошто. За мене тој ја има елеганцијата на Зидан. Видете како се движи, како е смирен на теренот и како додава. Тоа што не го гледаат луѓето е дека е многу брз, што е важно за фудбалер од средината во модерниот фудбал. Само тој ќе одлучи до каде може да оди. Не можам да кажам дека ќе биде најдобриот германски фудбалер во историјата, но има талент за тоа и нема граници пред него. Не знам дали ќе остане со нас, но сигурно е дека Баер нема да го даде евтино“, вели Даум.
Хаверц има пет гола во четири натпревари за Леверкузен по рестартот на Бундеслигата.