Првиот „Дер класикер“ во новата сезона во германскиот фудбал не разочара, откако во германскиот суперкуп во Минхен, Баерн Минхен се „опорави“ од првиот пораз по над 20 меча минатиот викенд за со 3:2 во трилер-натпревар да ги совлада старите ривали Борусија Дортмунд.
Победничката низа на Баерн, кои во изминатите месеци ги освоија Бундеслигата, ДФБ купот, Лигата на шампиони и УЕФА Суперкупот, беше прекината минатиот викенд, кога загубија со 4:1 од Хофенхајм, но овојпат тимот на Ханси Флик успеа да ги надмине мотивираните „милионери“ за уште еден трофеј.
Стартот беше „перфектен“ за Баварците – Корентин Толисо во 18. и Томас Милер во 32. минута им донесоа 2:0 водство, пред Дортмунд да се врати преку норвешката сензација Ерлинг Халанд. Тој прво во 39. минута му асистираше на Јулијан Бранд за 2:1, а во 55. минута избегна офсајд стапица за 2:2.
Сепак, во 82. минута, Роберт Левандовски му даде одлична топка на Џошуа Кимих, кој со малку помош на голманот Роман Бирки, успеа да ги постави конечните 3:2.