Домашниот „кошмар“ на Ливерпул никако да заврши. По низата од 68 меча без пораз на „Енфилд“ во две сезони во кои ја освоија прво Лигата на шампионите, а потоа толку посакуваната круна од Премиер лигата, „црвените“ сега имаат шест порази во низа на својот фудбалски храм, откако Фулам, клубот кој грчевито се бори за опстанок се нагости со 0:1 победа.
Откако двата тима имаа малку шанси во првото полувреме, во самиот финиш, во 45. минута, Марио Лемина го „фати“ Мохамед Салах на „спиење“, му ја украде топката и успеа со убав удар да го совлада Алисон Бекер.
Во второто полувреме, „црвените“ на Јирген Клоп тргнаа по израмнувачки гол, со пресинг, но не успеаја да ги совладаат цврстите Фулам.
Со поразот, Ливерпул остануваат на седмото место во Премиер лигата со 43 поени, четири зад Челси на четвртото место на табелата. Фулам уште се во зоната за испаѓање со 26 поени, ист број на поени како 17-пласираниот Брајтон и само бод помалку од Њукасл на 16-тото место.