Ѕвездата на Фенербахче и на македонската репрезентација, Елиф Елмас вели дека незгодниот (и незаслужениот) пораз од Полска веќе е во минатото и дека сите сили ќе се чуваат за следниот дуел од квалификациите за ЕП 2020 против Австрија веќе во понеделник.
Австрија прв пат гостува на Националната арена, досега немаме дуел против оваа репрезентација, која ја забележа првата победа во квалификациите од 1:0 против Словенија. Елмас смета дека веќе не треба да се губат поени.
„Полска е веќе зад нас, покажавме одличен квалитет во играта и навистина штета што резултатот беше во нивна корист. Но, сега мораме да се фокусираме на Австрија. Апсолутно ги почитуваме Австријците и претходно рековме дека овие два натпревари против Полска и Австрија ќе бидат најтешки за нас, но сега сме во ситуација да бараме бодови и ќе направиме се што е во наша моќ тоа да го постигнеме. Мораме да бараме шанса за погодок, да бидеме храбри, но максимално внимателни. Се надевам дека во најмала рака ќе бидеме на нивото од претходниот натпревар, но овој пат тоа да се вреднува преку бодовите на табелата“, вели Елмас.
Фото: Топспорт