Top Sport

Елмас со деби гол, Наполи со драматична победа кај Сампдорија (видео)

Македонскиот репрезентативец Елиф Елмас одигра 79 минути, го постигна деби голот за клубот и доби жолт картон, додека неговите Наполи стигнаа до драматична 4:2 победа на гости кај Сампдорија за втор триумф во низа.

По победата над лутиот ривал Јувентус, понеделничкиот меч на „Луиџи Ферарис“ започна фантастично за „партенопеи“ на Џенаро Гатузо, откако прво Аркадијуш Милик уште во третата минута ја затресе мрежата на домаќините, пред Елмас да го постигне својот првенец само 13 минути подоцна.

Меѓутоа, Самп полека, но сигурно се врати во игра. Прво ветеранот Фабио Кваљарела постигна фантастичен гол во 26. минута, за во второто полувреме од пенал во 73. минута, Маноло Габијадини да израмни на 2:2. Сепак, бодовите отпатуваа за јужна Италија откако замената Диего Деме во 83. минута најдобро се снајде во противничкиот шестнаесетник, а во 98. минута и Дрис Мертенс се запиша во листата на стрелците.

Со победата Наполи е на 10. место во Серија А со 30 поени, девет поени од местата кои водат во Лигата на шампионите. Сампдорија е 16. со 20 поени, само четири над зоната за испаѓање.






Scroll to Top