Top Sport

Енрике: Фудбал без навивачи е потажен од танцувањето со сопствената сестра

Шпанскиот селектор, Луис Енрике, смета дека фудбалот без навивачи е „потажен од танцување со сопствената сестра“, но признава дека ако уште бил фудбалер ќе сакал да излезе да игра фудбал и пред празни трибини.

Германската Бундеслига беше првата од топ 5 лигите која се врати во акција минатиот викенд, додека Ла лига, Премиер лигата и Серија А работат на враќае во средината на јуни по повеќе од два месеци без фудбал. Се очекува дека во Шпанија мечевите ќе бидат играни без публика барем до крајот на годината и на Енрике не му се допаѓа тоа.

„Да се игра без навивачи е потажно отколку танцувањето со сопствената сестра. Гледав неколку меча од Германија во текот на викендот и беше ужасно. Можете да слушнете сè, дури и навредите, и ја губите интимноста на подобрите моменти. Но, мораме да прифатиме дека се работи за бизнис со многу пари и сфаќам дека е начин да се помогне на луѓето да се справат со карантинот. Сепак, фудбал во вакви услови е чуден“, вели Енрике.

Во Англија повеќе фудбалери се загрижени околу враќањето во акција толку бргу, но тој не ги сфаќа.

„Како фудбалер, би сакал што е можно побргу да се вратам на теренот. Не би се плашел. Лично, не се плашам од корона вирусот, но сфаќам дека има големо влијание на постарите. Како тренер, сакам да почнеме бидејќи тоа е нашата работа и страст“, додава Шпанецот.

Scroll to Top