Шпанскиот селектор Луис Енрике признава дека е многу загрижен откако целата негова репрезентација доби вакцина на корона вирусот толку блиску пред стартот на ЕУРО 2020, бидејќи тоа може да влијае на нивните перформанси.
Подготовките на „фуријата“ за континенталниот шампионат беа хаотични откако Серхио Бускетс и Диего Љоренте имаа позитивни тестови на КОВИД-19, по што сите 24 фудбалери беа поставени во изолација, а младинската репрезентација го одигра закажаниот пријателски меч со Литванија.
Шпанската министерка за здравство, Каролина Дариас потврди дека целата репрезентација ќе добие вакцина пред стартот на турнирот во организација на шпанската војска, а Енрике вели дека барал тоа да се стори пред неколку месеци.
„Претседателот на федерацијата, Луис Рубијалес, ја отвори можноста за вакцинација пред повеќе од два месеци. Но, за жал тоа не беше возможно. Не се жалевме на тоа, а сега знаеме дека е можно да има и нуспојави. Ќе биде лошо ако се случи тоа“, вели Енрике.