Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола е „потсетен на својата одговорност“ од страна на англиската Фудбалска асоцијација (ФА) за инцидентот со играчот на Саутемптон, Нејтан Редмонд, но нема да биде казнет.
Каталонецот беше вклучен во остра расправија со Редмонд откако Сити победија со 2:1 во средата, фаќајќи го за вратот и удирајќи го по градите, но тензијата беше спуштена откако самиот англиски фудбалер потврди дека тој го фалел за неговата игра и му објаснувал дека требале да нападнат повеќе.
Одлуката на ФА значи дека 46-годишниот Гвардиола ќе биде на клупата за дербито против Манчестер јунајтед на „Олд Трафорд“ во недела, каде што ќе ја бранат разликата од осум поени пред градските ривали.