Цеск Фабрегас вели дека вистинската причина за неговото заминување од Арсенал во 2011 година било поради слабото ниво на „топчиите“ каде што само Робин ван Перси и Самир Насри биле на негово ниво, признавајќи дека плачел по поразите.

Арсен Венгер успеа да го донесе Фабрегас како млад фудбалер од славната академија на Барселона „Ла Масија“ во 2003 година и тој стана најмладиот фудбалер кој стартувал за тимот еден месец по пристигнувањето во северен Лондон. Тој одигра 303 натпревари за Арсенал, покажувајќи фантастичен квалтитет за додавање, остра страст и борбен стил на игра.

Меѓутоа, со Арсенал тој успеа да стигне само до една ФА куп титула во деветте години, пред во 2011 да се врати во Барселона, а подоцна да се врати во Премиер лигата со Челси, пред сега да го заработува фудбалскиот леб во Монако.

„Јас бев капитен и секогаш чувствував голем притисок. Го водев овој тим да победуваме и го дадов максимумот. Понекогаш, по поразите одев дома и плачев. Страдав за тимот. Ова траеше неколку години. Игравме убав фудбал и тоа беше одлично, но последните две-три години сметав дека Робин и Самир беа единствените фудбалери на мое ментално и техничко ниво, колку и да е арогантно да се мисли така. Бев ментално исцрпен, физички знаев дека дадов сè, но клубот не донесе нови засилувања и однесувањето на некои играчи ме натераа да ја побарам иднината на друго место“, вели Фабрегас.