Набил Фекир ова лето направи трансфер со кој ја шокираше фудбалската јавност. Откако една година претходно во последен момент му пропадна трансферот во Ливерпул, ова лето тој реши да потпише договор со Бетис од Севилја и попат да се искара со својот поранешен менаџер.
Бетис за трансферот на Фекир издвоија 20 милиони евра, а според договор со Лион 50 отсто од наредниот негов трансфер ќе му припадне на францускиот клуб.
Сумата што Бетис ја платија за Фекир е три пати помала од она што требаше Лион да го заработи минатото лето доколку тој завршеше во Ливерпул, а беше многу блиску до такво нешто, дури и ги минал лекарските прегледи на „Енфилд“.
Изминатите денови Фекир рекол дека „многу невистини биле кажани во врска со пропаднатиот трансфер во Ливерпул“, а сега решилд а проговори и неговиот поранешен менаџер. Жан-Пјер Бернес рекол дека е време Фекир да престане да ги прави луѓето будали.
„Време е да ја прекине оваа престава и да престане да ги прави луѓето будали. Сите знаат што се случи. Трансферот во Ливерпул пропадна од две причини. Првиот е неговото колено, иако во англискиот клуб имаа намера да вложат напори и да му помогнат. Вториот е тој што се појави непозната особа, некој квази-менаџер, кој се претставуваше како некој што треба да преговара во негово име и кој побара преговорите повторно да започнат во момент кога тие требаа да завршат. Помеѓу таа епизода и лекарските прегледи Ливерпул решија да ги прекинат преговорите“, рекол за „Лекип“, Жан-Пјер Бернес.