По „ловот“ кој траеше цел зимски преоден рок, Манчестер јунајтед го доби својот човек, португалскиот репрезентативец Бруно Фернандеш, кој денеска го комплетираше трансферот од 55 милиони евра од Спортинг Лисабон, потпишувајќи петиполгодишен договор со „ѓаволите“.
Јунајтед подолго време беа заинтересирани за плејмејкерот, но изгледаше дека договорот е „откажан“ по интервенцијата на газдата Џоел Глејзер, пред Фернандеш, заедно со агентот Жорге Мендеш и со луѓето околу Оле Гунар Солскјер да ги доближат двата клуба.
Со Пол Погба и Скот Мектоминеј во аут со повреда, 25-годишниот Фернандеш веднаш ќе треба да има „пеколно“ крштевање во Премиер лигата, иако веќе има искуство во странство, играјќи во Италија од 2013 до 2017 година.
„Мојата љубов кон Манчестер јунајтед вистински почна кога го гледав Кристијано Роналдо како игра и оттогаш сум голем фан на овој огромен клуб. Сега, добивам шанса да играм за Манчестер јунајтед и работев напорно за овој момент. Можам да ветам на фановите дека ќе дадам сè за грбот и за освојување на трофеи. Голема благодарност до Оле и сите во Манчестер јунајтед за довербата која ја имаат во мене и едвај чекам да го покажам тоа на теренот“, изјави Фернандеш.
Португалецот ќе има веднаш шанса за акција, бидејќи веќе во сабота ги очекува тежок дуел со Вулверхемптон во Премиер лигата.