Top Sport

ФИФА ќе дозволува протести за Џорџ Флојд

Светската куќа на фудбалот, ФИФА, се приклучи на спортските лиги, тимовите и спортистите од целиот свет кои се придружија на протестите по смртта на Џорџ Флојд во Минеаполис, најавувајќи дека протестите кои фудбалерите ги прават на терените ќе бидат дозволени и покрај тоа што обично сите политички гестови се казнуваат.

Во САД, НФЛ, НХЛ и НБА лигите објавија соддржини барајќи расна еднаквост, но безбол лигата МЛБ уште не се објави, а дури 60 отсто од професионалните американски клубови дадоа слични објави.

Протести имаше и во фудбалот во германската Бундеслига во текот на викендот, кога Џејдон Санчо и Ашраф Хакими од Борусија Дортмунд и Маркус Турам од Борусија Менхенгладбах прославуваа со гестови за Флојд, а Германската фудбалска федерација (ДФБ) објави дека ги разгледува инцидентите.

ФИФА, која секогаш била стриктно против личните ставови на фудбалерите за политиката, религијата или социјалните прашања, овојпат побара од организаторите на натпреварувањата да имаат „здрав разум“ околу потенцијалните казни.

„ФИФА целосно ги разбира чувствата и загриженоста од многу фудбалери по трагичните случки во случајот со Џорџ Флојд. Правилата на игра ги одредуваат организаторите на натпреварувањата, но сметаме дека треба да имаат здрав разум и да го разберат контекстот. ФИФА постојано е против расизмот и било каква дискриминација“, се вели во објавата на ФИФА.

Scroll to Top