Top Sport

Филип Лам станува претседател на германската федерација?

Легендата на Баерн Минхен, Филип Лам е прв кандидат за местото претседател на Германската фудбалска федерација (ДФБ), откако „Спокс“ јавува дека сегашниот претседател Рајнхард Гриндел се подготвува да се пензионира.

Поранешниот германски пратеник Гриндел е на позицијата од мај 2016 година, откако претходно беше главен благајник на федерацијата, а неговото владеење беше одбележано со големи критики. По минатогодишното Светско првенство и испаѓањето на тимот на Јоаким Лев во натпреварите по групи, дојде конфликтот со Месут Озил, кој ги обвини првите луѓе во федерацијата за расизам.

Покрај тоа, минатата недела „Дер шпигел“ тврдеше дека Гриндел ги прикривал исплатите кои ги добивал од членовите на федерацијата, и по ова, се верува дека 11-те потпретседатели на федерацијата се подготвени да му свртат грб.

Поранешниот капитен на Баерн, 35-годишниот Лам се повлече од фудбалот на крајот на сезоната 2016/17 и оттогаш работи како амбасадор на кандидатурата на Германија за Европското првенство во 2024 година. Тој е почитуван од сегашните и поранешните фудбалери, а во Германија има престиж како капитен на шампионскиот тим од 2014 година.

Scroll to Top