Франција со 1:0 ја совлада Германија на „Алијанц арената“ во Минхен во големото дерби од првото коло на ЕУРО 2020, за светските шампиони да имаат совршен старт на шампионатот против стариот ривал.
Во дуелот на двата последни светски шампиони (Германија 2014 и Франција 2018), немаше класика од фудбал, посебно во првото полувреме, но Французите направија доволно за да дојдат во водство. Матс Хумелс, повратникот во „маншафтот“ на Јоаким Лев си постигна помалку смешен автогол во 20. минута од мечот, а Германците не успеаја да упатат ниту еден удар на голот на Иго Љорис во првите 45 минути.
Во второто полувреме, Германците тргнаа по гол, но имаа среќа кога веднаш Адриен Рабио ја погоди левата статива. Серж Гнабри одговори на другата страна со најдобрата шанса на Германците, а и Томас Милер имаше добра шанса.
Килијан Мбапе во 66. минута постигна еден од најубавите голови досега на шампионатот, но судијата (исправно) го поништи поради офсајд, а во 85. минута и Карим Бензема ја уфрли топката во мрежата, но голот беше поништен поради офсајд.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк