Фудбалерите на бундеслигашот Унион Берлин се откажаа од своите плати откако германскиот клуб објави дека е во „тешка и необична“ положба по прекинувањето на шампионатот поради корона вирусот.
Поради прекинот на шампионатот, приходите на Унион Берлин од билетите отсуствуваат и фудбалерите се согласиле да не земаат плата за да помогнат.
„Фудбалерите решија да се откажат од своите плати, додека менаџерите и другите вработени во клубот се согласија да добиваат договори на делумно работно време, што значи и намалување на платите. Во исто време, сите се подготвуваме за почетокот на Бундеслигата“, се вели во соопштението на клубот, во кое не се посочува до кога ќе треба да трае мерката.
Унион Берлин е клуб од поранешна Источна Германија, и падна во третата лига по обединувањето на Германија, пред лани првпат да влезат во Бундеслигата. Тие се на 11. место со 30 поени по 25 меча.