Газдите на Блекбурн роверс, Венкатеш и Балаџи Рао, им нудат на своите фудбалери сензационален бонус од 10 милиони фунти ако успеат оваа сезона да влезат во Премиерлигата.
Фудбалерите ќе ги поделат овие пари според тоа колку натпревари играле, а тие кои ќе бидат во составот во сите 46 натпревари ќе добијат 700.000 фунти, тврди „Сан“. Бидејќи во второлигашот нема плати како во Премиерлигата, ова ќе значи дека дел од фудбалерите ќе ја удвојат својата годишна заработувачка.
Поранешните шампиони на Премиерлигата имаат добра шанса да бидат во елитата, бидејќи во моментов по пет победи во низа се на третото место во Чемпионшип со само еден поен зад Бурнемаут. Во втората лига, првите две екипи влегуваат директно во ПЛ, а од третото до шестото место играат плејоф за уште едно место.