Екипа на ПСВ Ајндховен е поблиску до групната фаза во Лигата на шампионите за разлика од нивниот денешен противник, тимот на Галатасарај. Холандскиот тим славеше со 5-1 на првиот натпревар од второто квалификациско коло за елитното натпреварување.
Израелскиот голгетер Еран Захави постигна хет-трик и по 90 минути со една нога го одведе својот тим во третото коло и дуел против подобриот од дуелот Селтик – Митјиланд (1:1 по првите 90 минути во Шкотска). Имаше голема поддршка од Германецот Марио Геце кој двапати ја тресеше мрежата на Муслера.
Инаку, Захави мрежата на истанбулскиот тим ја „начна“ уште во втората минута. Веќе во 35 минута по вторпат ја затресе противничката мрежа.
Само 7 минути подоцна Килинч го намали резултатот на 2-1, но тоа беше се што тимот предводен од Фатих Терим направи во Холандија.
Во вториот дел комплетен распад во гостинскиот состав.
Марио Геце во 52 минута погоди за 3-1.
Мирно на теренот во Ајндховен беше се до 84 минута кога најпрво со неговиот трет гол Захави зголеми на 4-1, а Геце стави точка на мечот со погодокот во 89 минута.
Грчкиот шампион Олимпијакос потешко од очекувањата дојде до минимална предност од 1-0 на првиот дуел со Нефчи Баку. Единствениот гол беше дело на Камара во 29 минута.
Мечот го одбележаа двата црвени картони, по еден на двете страни.
Стрелецот на единствениот гол „поцрвене“ во 43 минута, а Челик во 63 минута ги израмни силите на теренот.
На третиот дуел во истиот термин Легија Варшава во Полска со гол во 91 минута стигна до триумф од 2-1 против естонска Флора.
Капустка во 3 минута донесе предност за домашните од 1-0, а на 1-1 израмни Сапинен во 53 минута.
Голот за победа беше дело на Рафаел Лопез во судиското надополнување. Победникот од овој двомеч оди на подобриот од двомечот Динамо – Омонија.
Реваншите се наредната недела.