Top Sport

Гризман е веќе фокусиран на дуелот со Меси и Аргентина

Францускиот фудбалски репрезентативец Антоан Гризман изјави дека тимот мора да остане фокусиран за добро да се подготви за големото финале против Аргентина.

„Пред четири години плачев по победата против Белгија (полуфинале 1:0), но сега сум повеќе концентриран на финалето кое не очекува в недела против Аргентина. Наместо да славиме финале, ние сме цврсто на земја и се концентриравме на опоравување и добра подготовка за неделниот финален дуел“, изјави Гризман.

Актуелниот светски шампион Франција се пласираше во финалето на Светското првенство во Катар, откако во полуфиналето го совлада Мароко со 2:0.

„Мароканците ме импресионираа, играа добро тактички, во одбраната и во нападот. Во вториот дел ни направија многу проблеми, но Маркус (Турам) беше добар, што ни овозможи да и помогнеме на одбраната на левата страна. Голот ни ја отвори вратата од финалето, а по вториот гол бевме безбедни“, изјави Гризман.

Во финалето в недела на стадионот Лусаил, Франција ќе игра против Аргентина, која во полуфиналето ја победи Хрватска со 3:0.

„Тимот со Лео е различен. Знаеме како играат, тие се тежок противник, во добра форма. Го имаат Лео, но и тимот стои зад него, група која работи многу добро, а навивачите исто така помагаат. Од денеска ќе се подготвуваме за ова финале, како да нападнеме, како да се браниме“, заврши францускиот фудбалер.

Scroll to Top