Поранешниот тренер на Барселона, Пеп Гвардиола открива дека кога го видел Лионел Меси првпат на фудбалскиот терен, знаел дека Каталонците во иднина ќе освојат сè со Аргентинецот.
Сегашниот тренер на Манчестер сити беше тренер на Барселона во 247 натпревари во период во кој освои три титули од Ла лига, две титули од Копа дел реј и две титули од Лигата на шампионите, а под негово водство, Меси почна да игра како „лажна“ деветка и во втората сезона под него навистина блесна.
„Некој ми имаше кажано дека има многу добар фудбалер во младинскиот тим. Се работело за некој многу млад со многу голови. Не го знаев и еден ден го видов него и неговиот татко во продавницата на ’Најк’. Изгледаше мал и срамежлив и си помислив: ’Овој ли е толку добар како што викаат?’. Пред-сезоната ја почнавме во Шкотска и победувавме со 6:1 и 5:0 и тој постигнуваше по три гола. Веднаш си помислив – со него ќе освоиме сè“, вели Гвардиола во интервју за каталонското радио.
Сепак, Пеп исто така ја пофали и културата на тимот кој го тренираше и признава дека има „посебна врска“ со таа група.
„Немаше многу време, но уживав во градењето на тој тим. Направивме промени и сè одеше како што треба, имаше хемија, имаше почит. Се работеше за група на пријатели кои честопати одеше заедно на вечера, група која знаеше како да помине било каква тешкотија. Односите кои ги воспоставивме уште се тука. Нема титули, ниту светски титули кои вредат толку. Но, како и сите работи, мора да има крај“, додава Гвардиола.