Пеп Гвардиола вели дека треба да докаже дека заслужува нов договор со Манчестер сити, пред да направи одлука за својата иднина.
Околу договорот на Гвардиола (кој завршува на крајот на 2020/21) и неговата иднина подолго време има голем број на шпекулации, вклучувајќи ја и таа дека тој може да замине на крајот на сегашната сезона.
Сити освоија две титули во трите цели сезони на Гвардиола, но оваа сезона тие се 11 поени зад лидерите Ливерпул на третото место на табелата. Каталонецот тврди дека е среќен на „Етихад“, но дека е прерано да се зборува за продолжување.
„Тука сум веќе четири сезони, а на крајот на следната година ќе бидат пет полни сезони бидејќи сакам да сум тука. Тоа е долго време, видете што се случува во другите тимови – некои добиваат откази недела по недела. Да се потпише нов договор треба да се види како функционираат работите и дали го заслужувам тоа. Го кренавме нивото минатата сезона и очекувањата се многу големи и треба да видам дали можам да ги оправдам. Тоа не е само моја одлука. Сега е време за семејството, за Божиќ, а потоа ќе се подготвуваме за Вулфс. Има време за размислување за иднината“, вели Гвардиола.