Top Sport

Ханси Флик заминува од Баерн?

Тренерот на Баерн Минхен, Ханси Флик, им соопштил на клупските челници дека не е задоволен од статусот што го има и дека на крајот од сезоната ќе донесе одлука дали ќе остане на функцијата. „Билд“, оваа информација ја објави пред вечерашниот дуел на Баерн и ПСЖ во Лигата на шампионите.

Флик, кој минатата сезона, на доминантен начин ја освои титулата со Баерн во Лигата на шампионите, изминатите неколку месеци имал неколку расправии со спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ.

Поради нарушениот однос помеѓу нив двајца, покрај „Билд“ уште неколку медиуми тврдат дека по завршувањето на сезоната некој од нив двајца ќе мора да отстапи од функцијата.

Флик барал да има поголемо влијание во трансфер политиката, додека Салихамиџиќ инсистирал само тој да работи на трансферите.

Во овој спор, поддршка од клупските челници имал Салихамиџиќ. Правило во Баерн е трансфер-политиката да ја води клупската администрација, а не тренерот.

Оваа информација на „Билд“, дополнително ќе ги разгори шпекулациите дека Флик ќе го наследи Јоаким Лев на кормилото на германската репрезентација.

Scroll to Top