Top Sport

Хаос во Торино: Зошто комплетното раководство на Јувентус поднесе оставка?

Комплетното раководство на Јувентус синоќа поднесе колективна оставка. Претседателот Андреа Ањели, неговиот заменик Павел Недвед и извршниот директор Маурицио Аривабене го напуштаат клубот. Со нив клубот го напуштаат и голем број останати директори, а тоа се Лоренс Дебро, Масимо Дела Рагионе, Катрин Финк, Даниела Марилунго, Франческо Ронкаљо, Џорџо Такија и Сузан Кејвуд.

Клубот беше обвинет дека на сомнителен начин остварил приходи во 2018, 2019 и 2020 година. Под истрага се 16 лица, сегашни и поранешни вработени во клубот, а имињата кои најмногу се издвојуваат се Андреа Ањели, Павел Недвед и Маурицио Аривабене, луѓето кои синоќа го напуштија клубот.

Зад сето ова стојат тајните документи кои клубот ги потпишал со Кристијано Роналдо за време на пандемијата на коронавирус. Според нив, како што пишува „Газета дело Спорт“, Јувентус на својот тогашен напаѓач му ветил исплата во износ од 19,9 милиони евра, што според обвинителството не било наведено во финансиските извештаи на клубот.

Јувентус ветил дека ќе ја плати споменатата сума на Роналдо дури и ако тој го напушти клубот пред крајот на договорената соработка, што португалскиот напаѓач го направи со заминувањето во Манчестер Јунајтед. Во времето на пандемијата, Јувентус најави големи намалувања на платите, а подоцна потврди дека поради финансиски проблеми им гискратил на играчите приходите што требало да ги добијат за четири месеци.

Обвинителството се обидува да докаже дека тоа не е точно, дека постојат поединечни необјавени документи меѓу клубот и играчите, односно дека се фалсификувани завршните финансиски сметки на клубот, за годините 2019, 2020 и 2021 година.

Пронајден е токму таков документ дека Роналдо потпишал со торинскиот гигант. „Ла Стампа“ претходно напиша дека Роналдо одбил да даде изјава во обвинителството кога го прашале за контроверзниот документ.

Scroll to Top