Новата ѕвезда на германскиот фудбал, и човекот кој го бараат најголемите европски клубови, Каи Хаверц стана фудбалерот со најмногу голови во Бундеслигата (35) пред да наполи 21 година, откако го постигна единствениот гол во тешката 1:0 победа на Баер Леверкузен кај Фрајбург во првиот меч од 29. коло.
Хаверц во 54. минута доби одлична топка од фантастичниот Леон Бејли и од практично невозможна ситуација успеа да го совлада голманот Александер Шволов за важна победа на „фармацевтите“ откако во минатото коло беа дома понижени од Волфсбург со 1:4. Сепак, тој во 66. минута од мечот излезе од игра поради повреда, откако тренерот Петер Бос не сакаше да ризикува.
Рекордите на Хаверц за Баер се импресивни – тој е најмладиот фудбалер кој одиграл 100 меча во Бундеслигата и најмлад фудбалер и стрелец во историјата на клубот од Леверкузен, за кој има постигнато и 22 асистенции. Ова беше негов петти гол по рестартот на Бундеслигата, односно во четири кола.
Со победата, Леверкузен барем привремено се искачи на третото место во Бундеслигата со 56 поени, осум помалку од лидерот Баерн Минхен. Фрајбург се осми со 38 поени.