Top Sport

Хофенхајм откако им го „грабнаа“ Зиб: Баерн немаат скрупули!

Спортскиот директор на Хофенхајм, Александер Розен ги нападна Баерн Минхен за нивното однесување при потпишувањето на договорот со нивниот тинејџер Арминдо Зиб.

17-годишниот Зиб ги помина медицинските тестови со Баварците во четвртокот и ќе потпише договор кога ќе се отвори преодниот рок, иако ФИФА уште не донесе одлука кога ќе биде тоа. Розен тврди дека Хофенхајм не дале дозвола за овој медицински тест, а Баерн се однесувале бескрупулозно при обидот да склучат договор во моменти кога Германија и целиот свет се во пандемија со корона вирусот.

„Беше навистина иритантно кога фудбалерот беше повикан во Минхен за медицински тестови без наша согласност. При епидемија на корона вирусот со сите ограничувања и предизвици… Навистина немам зборови а такво однесување“, вели Розен.

Според „Спорт1“, Баерн во вторникот го известиле Хофенхајм за медицинскиот тест, а Зиб пропуштил тренинг со Хофенхајм и го информирал клубот дури кога пристигнал во Минхен.

Зиб е еден од најталентираните млади германски фудбалери и тој постигна три гола во настапите за У-17 репрезентацијата. Тој се приклучи на академијата на РБ Лајпциг на 14 години, пред во 2018 да се пресели во Хофенхајм. Сега тој е дел од градењето на новиот млад тим на Баварците, откако тие го добија голманот Александер Нибел од Шалке за следната сезона.

Scroll to Top