Хрватската фудбалска репрезентација ја продолжи традицијата да нема пораз од Чешка, одигрувајќи 1:1 на „Хампден парк“ во Глазгов за да остане во игра за пласман во осминафиналето на ЕУРО 2020 и покрај лошиот впечаток на првите два меча за светските вице-шампиони.
Чесите имаа далеку подобар старт на првото полувреме, контролирајќи ја играта, меѓутоа не успеаја да стигнат до голот на Ливаковиќ до 37. минута од мечот, кога се случи еден од најконтроверзните моменти на шампионатот досега. По воздушниот дуел на Дејан Ловрен и Патрик Шик, судијата одлучи дека се работи за пенал, кој Шик со крвав нос успеа да го реализира за да стане најдобар стрелец на шампионатот со 3 гола во два меча.
Во второто полувреме, Хрватска заигра подобро, и веќе во 47. минута стигна до израмнување по фантастичниот гол на Иван Перишиќ. И покрај оваа иницијатива, тие не успеаја да стигнат до втор гол.
Графика: Sofascore за Топспорт.мк