Top Sport

И Шкотска има „случај Миравци“ – Дали Ренџерс се Ренџерс формирани во 1872?

Едно од најлутите спортски ривалства во историјата, дуелот на двата клуба од Глазгов, Селтик и Ренџерс (кои утре ќе се судрат во Шкотската Премиерлига) веќе не е „Олд Фирм“ дерби бидејќи Ренџерс не е истиот историски клуб, тврдат фановите на Селтик, поддржувани и од својот клуб.

Со повеќе од 100 титули меѓу нив, гигантите од Глазгов се разделени со идентитет, политика и религија во Шкотска, но сега, дури и официјалниот веб-сајт на Селтик го нарекува дербито само „дерби на Глазгов“, а не „Олд Фирм“.

Објаснувањето на навивачите на Селтик е едноставно – клубот Ренџерс, кој е формиран во 1872 година е „умрен“ во 2012 и затоа навивачите на Ренџерс се „зомбија“.

Во 2010/11, Ренџерс ја освоија својата 54. титула во историјата, но клубот беше во незавидна финансиска ситуација, со долг од 30 милиони фунти на банкарската групација „Лојдс“. Газдата на клубот Дејвид Мареј го продаде клубот во мај 2011 на Крег Вајт за само една фунта, но во февруари 2012, клубот отиде во стечај и загуби 10 поени откако не го плати данокот на државата.  Во мај истата година, клубот должеше 134 милиони фунти, и во јуни 2012 компанијата „Ренџерс фудбал клуб плц“ беше ликвидирана.

Името го купи компанијата „Севко Скотланд“, која потоа беше преименувана во Ренџерс ФЦ. Новите газди не успеаја да го преземат местото на Ренџерс во Шкотската Премиер лига, и во 2012/13 клубот се натпреваруваше во Третата дивизија, односно четвратата лига. Менаџерот Али Меккоист остана на чело на клубот, но сите фудбалери од првиот тим заминаа бидејќи клубот официјално не постоеше.

Во 2015 година, навивачите на Селтик платија оглас во локалните весници во кое тврдеа дека Ренџерс кои играат на „Ајброкс“ се нов клуб и дека нема да има „Олд Фирм“ дерби. По ова, Селтик побара Ренџерс да не можат да се рекламираат како „најуспешен шкотски клуб“, но Ренџерс доби поддршка од УЕФА, која дозволи „спортски континуитет“ на клубот. Ренџерс го загубија членството во Европската клупска асоцијација (ЕЦА), но потоа беа примени како придружни членови.

Случајот со Ренџерс наликува на ситуација во македонскиот фудбал, односно фузирањето на ФК Вардар и ФК Миравци во 2011 година. Тогаш Вардар испадна од Првата лигата, но по фузијата го презеде местото на Миравци кои успеаја да влезат во Првата лига по плејоф победата над Скопје. Голем дел од ривалските навивачи на Вардар уште со потценување го нарекуваат скопскиот клуб Миравци.

Scroll to Top