Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, верува дека неговиот тим може да ја одбрани шампионската титула во Серија А во последното коло. Милан е многу поблиску до „скудетото“ со оглед дека има два бода предност пред градскиот ривал во пресрет на натпреварите од последното коло.
Интер ќе треба да победи на домашен терен против Сампдорија, но и да чека пораз на Милан на гостувањето кај Сасуоло за да го освои „скудетото“.
Инзаги верува дека тоа е можно затоа што нешто слично му се случило како фудбалер на Лацио во 2000 година.
„Сасуоло е силен тим, има многу индивидуален талент. Очекувам многу интересно последно коло од сезоната. Некои ќе се борат за своите места во Европа, други за да се спасат од испаѓање. Ние ќе мора да победиме и да чекаме Милан да загуби. Но, тоа веќе се има случено и јас на таков начин сум освоил титула. На сличен начин победивме со Лацио, кога имавме негатива од два бода, но Јувентус загуби од Перуџа, па зошто тоа да не се повтори“, изјави тренерот на Интер.