Иранската фудбалска федерација во саботата потврди дека националниот тим ќе учествува на Светското првенство во 2026 година, но во исто време побара од земјите домаќини, САД, Мексико и Канада, да ги прифатат нивните услови во контекст на војната на Блискиот Исток.
Ова барање дојде откако Канада му забрани на претседателот на иранската федерација да влезе на Конгресот на ФИФА минатиот месец поради неговите врски со Корпусот на Исламската револуционерна гарда, која е означена како терористичка организација од официјална Отава во 2024 година.
Учеството на Иран на турнирот, кој ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули, е под знак прашалник од почетокот на војната на Блискиот Исток кон крајот на февруари, по нападите на САД и Израел.
„Ќе учествуваме на Светското првенство во 2026 година без никакво сомнение, но земјите домаќини мора да ги земат предвид нашите загрижености“, соопшти Иранската фудбалска федерација на својата официјална веб-страница.
„Ќе учествуваме на турнирот, но без да се откажеме од нашите верувања, култура и принципи“, се додава во соопштението, додавајќи дека „ниту една странска сила не може да му го одземе правото на Иран да учествува во натпреварувањето за кое заслужено избори пласман“.
Претседателот на Федерацијата, Мехди Таџ, во петокот изјави дека Техеран поставил десет услови за учество на СП, барајќи гаранции во врска со третманот на земјата и националниот тим. Меѓу условите се издавање визи, почитување на членовите на тимот, иранското знаме и националната химна.
Повеќе извори тврдат дека Иран бара:
1. Гаранции за издавање визи на иранската делегација
2. Почитување на иранскиот тим и членовите на делегацијата
3. Почитување на иранското знаме
4. Почитување на националната химна на Иран
5. Забрана за политички пораки и политички дејствија против иранскиот национален тим
6. Да се избегне „навредување“ на иранската армија и Револуционерната гарда за време на турнирот
7. Целосна безбедносна заштита на играчите, тренерскиот персонал и делегацијата
8. Високо ниво на безбедност на аеродромите
9. Безбедност во хотелите
10. Безбедност на патиштата до стадионите и за време на натпреварите
На СП, Иран ќе се натпреварува во Г групата, против Белгија, Египет и Нов Зеланд.
FOTO/ EPA/ABEDIN TAHERKENAREH
