Масимо Мауро, поранешниот напаѓач на Јувентус, има многу интересна теорија за воведувањето на ВАР технологијата во фудбалот. Тој смета дека новата технологија во фудбалот е завера против Јуветус. Измислена е за да го спречи Јувентус да владее со италијанскиот фудбал.
Приказната започна по кардиналната грешка на ВАР-собата, кога на Јувентус не му беше признат чист гол на натпреварот од Серија А против Салернитана за да победи со 3:2 во последните моменти од натпреварот. Милик со глава ја погоди противничката мрежа, но голот беше поништен бидејќи Бонучи наводно бил најблиску до противничкиот голман и го спречил навреме да реагира.
Сепак, не е прикажана целосната слика бидејќи се гледа еден играч на Салернитана, кој е веднаш до корнер знаменцето така што немаше прашање за офсајд.
Револтираниот Мауро верува дека сè е дел од заговор против „старата дама“.
„ВАР е измислен за да го спречи Јувентус да освои повеќе титули. Пред воведувањето на ВАР, Јувентус четири години беше најдобар во Италија. Направено е се за Јувентус повеќе да не биде шампион“, изјави Мауро.