Работнички новата сезона од Првата лига ја започна со незгоден пораз од 3:4 од Ренова, и тренерот Ѓоре Јовановски вели дека грешките, посебно во одбраната, не смеат да се повторат во наредните мечеви.
Јовановски смета дека неговиот тим ги повторил грешките од поразот во двомечот од Лига Европа против унгарскиот Хонвед.
„Одигравме лош натпревар, тоа е повеќе од јасно. Честитки за екипата на Ренова, тие заслужено ги освоија бодовите, но јас мислам дека ние им подаривме три од четирите гола поради наши грешки. И што е уште полошо, ова ни се случи и на гостувањето против Хонвед, во реваншот од Лигата на Европа. Ќе ги анализираме сите ситуации и такви грешки не смеат да ни се повторуваат. Ако има нешто добро во овој лош старт, тоа е дека е само прв меч и почеток на првенството, а ова наше издание треба да биде урнек како да не играме во иднина“, изјави Јовановски.