Top Sport

Јунајтед и Евертон имаа „очајни“ голмани, „волците“ го суредија Тотенхем (видео)

Обидите на Манчестер јунајтед и на Тотенхем да стигнат до место кое следната сезона води во Лигата на шампионите не одат најдобро, откако двата тима не успеаја да стигнат до победи во неделните мечеви од Премиер лигата.

Јунајтед на гостувањето на „Гудисон парк“ кај Евертон одигра 1:1 во меч во која главна улога имаа голманите и нивните грешки, додека Тотенхем во фантастичен домашен меч со пет гола загуби со 3:2 од Вулверхемптон во типична приказна на „калфата подобар од мајсторот“ во дуелот на Нуно Еспирито Санто и Жозе Мурињо.

Само што почна мечот во Ливерпул, Манчестер јунајтед почна да губи, откако во третата минута, Давид де Хеа во несфатлив обид да ја исфрли топката од својот шестнаесетник го погоди Доминик Калверт-Луин. „Ѓаволите“ се вратија во игра во 31. минута преку ударот на Бруно Фернандеш, кој многу лошо го процени англискиот репрезентативен голман, Џордан Пикфорд и дозволи да му помине топката низ рацете.

Во самиот финиш на мечот беше многу драматично. Пикфорд со неверојатна двојна одбрана ги спаси Евертон од сигурен гол, по што на другата страна во 91. минута на домаќините им беше поништен гол по една сомнителна офсајд ситуација.

Во Лондон беше уште поинтересно и Тотенхем двапати беа во водство, пред да го забележат третиот пораз во низа (двапати во Премиер лигата и еднаш во Лигата на шампионите). Стивен Бергвајн им донесе водство на домаќините по само 13 минути игра, но Вулверхемптон врати преку Доерти во 27. минута, пред Серж Орие на истекот на 45-те минути повторно да донесе предност, овојпат од 2:1 за Тотенхем.

Во второто полувреме, „волците“ прво израмнија преку Диого Жота во 57. минута, пред Раул Хименез во 73. минута да го комплетира пресвртот. Ова е слатка победа за Еспирито Санто, кој како голман, беше дел од тимот на Порто со кој Жозе Мурињо ја освои својата прва титула од Лигата на шампионите.

По 28. кола, Јунајтед е на петтото место со 42 поени, три помалку од Челси, а веднаш на шестото место се Вулфс со ист број на поени (42), сега пред Тотенхем со 40. И Евертон се релативно блиску, на 11. место со 37 поени.

Scroll to Top