Оле Гунар Солскјер стартуваше со осум победи во низа на клупата на Манчестер јунајтед, но таа низа беше прекината од малиот сосед Барнли, откако во драматична завршница, „ѓаволите“ извлекоа 2:2 реми во стилот на нивниот тренер, кој имаше афинитет за голови во последните минути.
Пеп Гвардиола и надежите на Манчестер сити за одбрана на титулата доживеаја голем удар по 2:1 поразот на гостувањето кај Њукасл.
Ешли Барнс го казни непромисленото играње во одбраната на Јунајтед во 57. минута, пред Крис Вуд во 81. минута со удар со глава по убавото нафрлање да донесе 0:2 водство. Јунајтед имаше 83 отсто од поседот на топката, но за гол требаше да биде досуден пенал во 87. минута, кој Пол Погба го смести во мрежата. „Кожата“ на Јунајтед беше спасена од дефанзивецот Виктор Линделоф во 92. минута од мечот, кој најдобро се снајде во хаотичната ситуација пред голот на Барнли.
На „Сент Џејмс Парк“ пак, Манчестер сити стигна до водство по само 22 секунди игра преку Серхио Агуеро, но потоа следуваше „студен туш“ за шампионот. Рондон во 66. минута успеа да израмни за тимот на Рафа Бенитез, пред Ричи од пенал во 80. минута да го „реши“ фаворитот.
Со овој пораз Сити останува втор со 56 поени, но дозволува утре Ливерпул со победа над Лестер сити да стигне до неверојатни 9 поени предност по 24 кола.
Најинтересно, сепак, во вторникот беше на „Крејвен котиџ“, каде што Фулам се врати од 0:2 негатива за победа од 4:2 над Брајтон!
ПРЕМИЕР ЛИГА, 24. КОЛО
Арсенал – Кардиф 2:1
Фулам – Брајтон 4:2
Хадерсфилд – Евертон 0:1
Вулверхемптон – Вест хем 3:0
Манчестер јунајтед – Барнли 2:2
Њукасл – Манчестер сити 2:1