„Калчомеркато“ тврди дека Јувентус е подготвен уште во јануари да го купи Душан Влаховиќ од Фиорентина за 60-тина милиони евра, пари кои би ги собрале со продажба на Дејан Кулушевски.
Српскиот напаѓач одби продолжување на договорот со Виола за 4 милиони евра годишна плата, откако клубот се откажа поради превисоката провизија која ја бараше неговиот агент. Бидејќи неговиот договор трае до јуни 2023, Фиорентина сака барем добро да заработи на него.
Јувентус се фаворити за неговиот потпис, но во игра се и Тотенхем, Манчестер сити и Атлетико Мадрид, а „бјанконерите“ исто така ќе мораат да продадат некого, со Кулушевски како најголем кандидат откако ја загуби довербата на тренерот Масимилијано Алегри.
21-годишниот Швеѓанец со македонско потекло беше купен од Аталанта во јануари 2020 за 35 милиони евра, но немаше големо влијание во Јувентус. Тој играше и како напаѓач, и како фудбалер од средниот ред без поголем резултат, а бидејќи поранешниот директор на Јувентус, Фабио Паратичи е негов голем поддржувач, тој би можел да заврши во Тотенхем.