Јувентус се одвои на три поени пред Интер, барем до вечерашното дерби Интер-Лацио, откако со 2:0 ја совлада Бреша, која поголемиот дел од мечот го играше со 10 играчи, додека „најзабавно“ беше во Џенова, каде што Фиорентина стигна до зачудувачка 5:1 победа над Сампдорија.
Флоријан Ај доби два жолти картони за помалку од пет минути да ги остави Бреша со играч помалку во 37. минута од мечот, а веднаш потоа Пауло Дибала постигна фантастичен гол за водство на „бјанконерите“. Победата беше осигурана во 75. минута со голот на Хуан Квадрадо, а секако, за одбележување беше и тоа што по шест месеци поради повреда на лигаментите во коленото во составот се врати капитенот Џорџо Кјелини.
На „Луџи Ферарис“ пак, тимот на Клаудио Раниери доживеа вистински потоп во меч со многу бурни случувања. Фиорентина во првите 20 минути игра имаше 0:2 предност, по што црвен картон доби домашниот фудбалер Никола Муру, за Федерико Киеза од пенал во 38. минута да зголеми на 0:3. И Фиорентина остана со играч помалку по вториот жолт картон на Милан Бадељ пред финишот на полувремето.
Душан Влаховиќ и Киеза до крајот на мечот постигнаа уште два гола за импресивна победа на Фиорентина, додека Сампдорија останува на 17. место со само еден поен од опасната зона и својот градски ривал Џенова.
СЕРИЈА А, 24.КОЛО
Удинезе – Верона 0:0
Јувентус – Бреша 2:0
Сампдорија – Фиорентина 1:5
Сасуоло – Парма 0:1